За една недела над 100 убоди од крлежи во Скопје

Извор: Утрински весник – 09.05.2013

За само една недела во скопските болници над 100 луѓе побарале помош поради убод од крлеж. За лекарите ова е многу висока бројка на убоди од крлежи за овој период од годината и ја поврзуваат со необично високите температури со што и многу порано се појави инвазијата од крлежи, комарци, други инсекти, како и змии.

Од Градската хируршка клиника „Св. Наум Охридски“ велат дека за време на празниците во нивните амбуланти се јавиле 64 пациенти со убод од крлеж. „Не се памети толку голема бројка на убоди од крлежи како годинава. Секој ден има по најмалку пет случаи.

Еден ден дури имавме 15 вакви пациенти. Времето порано се стопли, па и порано се намножија крлежите. А, празниците беа идеални да се излезе во природа“, вели д-р Јасмина Чабуковска-Радуловска, директор на Градската хируршка клиника

Меѓу пациентите има и деца, но според неа преовладуваат возрасните лица. Таа советува луѓето сами да не ги вадат крлежите, туку тоа да се направи стручно, за да не останат делови од телото на крлежот, кои може исто така да се опасни. „По отстранување на крлежот се дава превентивна и антибиотска терапија“, вели д-р Чабуковска-Радуловска.

И на Клиниката за инфективни болести велат дека од почетокот на месецов редовно дневно имаат по пет пациенти кои настрадале од крлеж. Досега кај нив се регистрирани 36 пациенти со убод од крлеж и две каснувања од змија. Засега нема случај на заболен од некоја заразна болест која се пренесува преку овие животни, како што е лајмската болест.

Според податоците на Градската општа болница „8 Септември“, за време на празниците кај нив за лекарска помош се обратиле 17 пациенти кои закачиле крлеж.

Кога одат на отворени површини, по шуми и ливади, луѓето за да се заштитат од овие ливадски животни, кои се пренесувачи на неколку заразни болести како нилската треска и хеморагичната треска од кои некои завршуваат и со воспаление на мозокот, лекарите велат дека треба да носат долги панталони и облека со долги ракави за да останат што помалку откриени делови од телото. „Краевите на панталоните да се вовлечат во чорапите, а блузите или кошулите со долги ракави да се закопчаат до горе. Може облеката да се испрска и со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин. По излетот да се направи детална проверка на телото и облеката со посебно внимание на влакнестите делови од телото, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите често се закачуваат и во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните делови“, велат лекарите.

„Доколку се случи по каснувањето дел од крлежот да остане во телото, најпрепорачливо е да се оди во најблиската ординација и да го извади стручно лице. Местото каснато од крлеж треба да се следи околу еден месец и ако се јави црвенило, веднаш треба да се оди на лекар. Од превентивни мерки на лекар треба да се јават и лицата ако по една до две недели откако биле каснати од комарци или крлеж добиле висока температура, треска и исип по телото“, препорачуваат инфектолозите.

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE