Состојба со грип во Република Македонија, Сезона 2016/2017 (9 недела, до 05.03.2017)

Извор: Институт за јавно здравје на Р. Македонија - 12.03.2017

ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Неделни податоци

Во текот на деветтата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 151 новозаболени лица од грип/заболувања слични на грип со инциденца од 7,3 на 100.000, што претставува намалување од  33,5% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 227 случаи.

Вкупниот број на пријавени случаи оваа недела одговара на многу ниско ниво на интензитет според моделот за одредување на интензитет на активноста на грип (Графикон 1).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични  на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2016, сезона 2015/2016 и сезона 2016/2017

Оваа недела, најголем број заболени (n=54) е регистриран на територијата на ЦЈЗ Охрид, следат ЦЈЗ Струмица (n=16), ЦЈЗ Прилеп и ПЕ Гостивар со 14 пријавени случаи. Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрираат поединечни случаи.

Највисока инциденца од 96,2/100.000 е пријавена од подрачјето на ЦЈЗ Охрид, што одговaра на ниска активност на инфлуенца вирусот. Ниска активност на инфлуенца вирусот се регистрира и во ПЕ Кратово (I=41,8/100.000), додека според инциденцата на 100.000 жители, многу ниска (вон-сезонско) активност се регистрира на територија на 13 ЦЈЗ/ПЕ. Во 16 ЦЈЗ/ПЕ не е регистриран случај (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип според инциденца на 100.000 жители, 9 недела 2017

Како и во претходната, така и во 9-та недела од 2017 најголем број заболени (n=124) односно 82,1% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години. Во пријавените случаи од 9-та недела, децата од 5-14 години учествуваат со 9,3% (n=14), лицата над 65 години учествуваат со 6,0% (n=9), а со најмал процент – децата на возраст од 0-4 години  (2,6%;  n=4).

Највисока специфична инциденца од 8,5/100.000 жители е регистрирана кај лицата на возраст од 15-64 години, кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 6,0/100.000, кај лицата постари од 65 години и кај децата под 4 години се регистрира инциденца од  3,4/100.000 (Графикон 2).

Графикон 2.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017  

Кумулативни податоци

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 9-та недела изнесува 34.481 со кумулативна инциденца од 1.664,4 на 100.000 жители.

Во оваа сезона, сите Центри за јавно здравје и Подрачни единици пријавиле случаи на грип/заболувања слични на грип.

Најголем кумулативен број на заболени се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Скопје (n=4.557; 13,2%), ЦЈЗ Струмица (n=3.249; 9,4%), ПЕ Гостивар (n=2.998; 8,7%), ПЕ Кавадарци (n=2.977; 8,6%) и ЦЈЗ Битола (n=2.828; 8,2%) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца е регистрирана во ПЕ Кавадарци (I=6.917,8/100.000), ПЕ Свети Николе (I=5.772,2/100.000), ЦЈЗ Струмица (I=3.430,2/100.000), ЦЈЗ Велес (I=3.225,3/100.000) и ЦЈЗ Охрид (3120,7/100.000) (Графикон 3).

Досега оваа сезона се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3.  Дистрибуција на случаите сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2016/2017    


Според дистрибуција на заболените од сезонски грип по месеци, во текот на во месец октомври се пријавени 171 случај или 0,5%, во ноември се пријавени 532 случаи или 1,5%, а во  декември се регистрирани 15.073 случаи или 43,7%, од случаите во сезоната. Највисок број на заболени лица се регистрира во месец јануари – 17.158 случаи или 49,8% од случаите во сезоната 2016/2017. Во февруари пријавени се 1.396 случаи или 4,0%, а во првата недела од месец март пријавени се 151 случај или 0,4% од пријавените во текот на оваа сезона.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 23.790 случаи (69,0%), а најголема кумулативна инциденца од 1.978,4 на 100.000 жители се регистрира кај школските деца на возраст од 5-14 години каде што кумулативно се регистрирани 4.579 случаи, кај децата на возраст од 0-4 години инциденцата изнесува 1.921,8/100.000 (n=2.233). Кај лицата над 65-годишна возраст, кумулативниот број е 3.879 со инциденца од 1.479,8 на 100.000 жители (Графикон 4).

Графикон 4.  Дистрибуција на случаите на сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи, кумулативно за сезона 2016/2017

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на 9-та недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, не се пристигнати примероци за тестирање за присуство на вирусот на грип.

Кумулативно во сезоната 2016/2017, од вкупниот број на тестирани биолошки материјали (n=159) добиени со рутинскиот и сентинел надзорот – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, 58 (36,5%) се позитивни за присуство на вирусот на грип и тоа 55 – Influenza A/H3, 2 се нетипизирани Influenza A вируси и еден е Influenza B вирус (Графикон 6).

Графикон 5. Неделна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2016/2017

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со вакцина против сезонски грип во Македонија е започната од 43 недела, 2016. Согласно пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.324 лица или 57,5%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 10.001 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 661 лица или 2,5%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.

Од вкупниот број вакцинирани, 17.908 или 67,2% се со историја на хронично/и заболување/а

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР:

Епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип и лабораториски потврдените случаи на грип укажуваат на ран почеток на сезоната со пик на активноста кон крајот на декември 2016 и првата половина од јануари 2017 година.

Оваа недела, епидемиолошкиот и вирусолошкиот надзор укажуваат дека активноста на грип е на многу ниско ниво во Македонија.

Имајќи ги во предвид горенаведените податоци, може да се заклучи дека во Македонија активноста на вирусот на грип завршува и покрај тоа што календарски сезоната на грип е сéуште во тек. Веројатноста за повторно зголемување на бројот на случаи е мала. 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe (8 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2016/2017 во Европа, активноста на грип и понатаму се намалува, но сеуште е на ниво повисоко од вон-сезонското.

Процентот на позитивно тестирани примероци од сентинел надзорот оваа недела се намали на 33% од 38% во претходната недела. Најголемиот процент на примероци се инфлуенца А/H3N2. Иако се забележува зголемен број на инфлуенца Б, како што е и вообичаено за крај на сезоната, сепак бројот останува мал.

Меѓу хоспитализираните лица предоминираат лицата постари од 65 години, но бројот продолжува да се намалува, што одговара на претпоставката дека во сезона во која доминира активноста на А(H3N2), се очекува да се најзафатени постарите возрасни групи.

Кај поголем дел од 19-те земји кои водат статистика за вишок на смртни случаи, се регистрира зголемен број на смртни случаи кај возрасната популација од 15-64 години и кај лицата постари од 65 години, што најверојатно се должи на циркулацијата на А(H3N2) вирусот.

Достигнувањето на прагот во 46-тата недела е најрано по пандемската 2009/2010 сезона, а во претходните 5 сезони било во периодот од 48-та до 51-ва недела.

Досега доминира инфлуенца А типот (96%), а 99% од вирусите се субтипизирани како А (H3N2). Минатата сезона во овој период предоминраше вирусот A(H1N1)pdm09.

Засега, циркулирачкиот А (H3N2) вирус е антигенетски сличен со сојот што е вклучен во вакцината, иако две третини од изолираните соеви оваа сезона припаѓаат на различна субкласа.

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје

 

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE