7 Април – Светски ден на здравјето

Извор: Институт за јавно здравје на Р. Македонија  - 05.04.2017

“Депресија: Ајде да зборуваме!”

Светскиот ден на здравјето  се одбележува на 7 април, на годишнината на основањето на Светската здравствена организација. Секоја година се иницира здравствена тема која ги поврзува луѓето од целиот свет.

Годинава темата на која е посветена кампањата е депресијата.

Депресијата влијае на луѓето од сите возрасти, во сите сфери на животот, во сите земји.

Таа предизвикува ментална болка и влијае на луѓето така што им ја намалува способноста за извршување  дури и на наједноставните секојдневни задачи. Понекогаш може да има и катастрофални последици во однос на семејните и пријателските релации. Депресијата може да влијае и на можноста за обезбедување на егзистенцијата.

Во најлош случај, депресијата може да доведе до самоубиство.

Бројот на луѓето со депресија се зголемува.

Светската здравствена организација, во февруари, минатата година објави дека бројот на луѓето кои живеат со депресија е зголемен за повеќе од 18% во споредба со периодот меѓу 2005 и 2015 година.  Повеќе од 80% од луѓето кои живеат со  болеста се во земјите со низок и среден животен стандард.

Депресијата може да се спречи и да се третира. Колку повеќе и подобро  разбереме што е депресија и како таа може да се спречи и да се третира, толку се поголеми шансите за намалување на стигмата и можностите што поголем број луѓе да побараат помош.

Кампањата посветена на депресијата почна на 10 октомври 2016 година кога се одбележува Светскиот ден за ментално здравје.

Кампањата ќе ги оствари своите цели со вклучување на што поголем број луѓе кои ќе работат заедно, без разлика дали станува збор за владата, невладините организации или медиумите, без разлика дали сте  лекар, учител, новинар, блогер, родител. Или едноставно некој кој чул за кампањата и би сакал да се вклучи.

Цели на кампањата:

  • Јавност подобро да се информира за депресијата, причините и можните последици, што таа ги остава кај луѓето, вклучувајќи го и самоубиството

  • Како може да им се помогне на тие што патат од депресија, каков третман им е потребен и како таа да се превенира.

  • Како и каде лицата кои патат од депресија можат да побараат помош, каде да се обратат семејствата, пријателите и колегите на лицата со депресија за да им помогнат.

Што е депресија?

Депресијата е болест која се карактеризира со долготрајна тага и губење на интерес за активности, неспособност за извршување на секојдневните активности, особено повеќе од две недели.

Повеќето од луѓето со депресија вообичаено ги имаат следниве симптоми:

  • губење на енергија;

  • промена во апетитот;

  • спиење повеќе или помалку;

  • анксиозност;

  • намалена концентрација;

  • колебање;

  • немир;

  • чувство на безвредност, вина, или безнадежност

  • мисли насочени кон самоповредување или самоубиство

На што се темели кампањата?

  • Во основата на кампањата е важноста за зборување за депресијата, како витална компонента на закрепнување.

  • Разбивање на стигмата околу менталните болести, вклучувајќи ја и депресијата која и натаму е бариера за луѓето кои бараат помош ширум светот.

  • Зборувајќи за депресијата, без разлика дали станува збор за член од семејството, пријател или медицинско лице, во поголеми групи, во образовниот процес, на работното место, во социјалната средина; или во медиумите, блогови, социјалните медиуми, помага да се прекине оваа стигма и поттикнува што поголем број лица да побараат помош.

Целни групи на кампањата

Кампањата е посветена на сите!

Без разлика на возраста, полот или социјален статус.

Светската здравствена организација вниманието го посвети на три групи кои се непропорционално засегнати: адолесцентите и младите, жените за време на бременост и по породувањето, и лицата над  60 години.

Сеопфатни пораки

  • Депресијата е често ментално растројство кое влијае на луѓето од сите возрасти, од сите сфери на животот, во сите земји.

  • Ризикот да станат депресивни се зголемува со сиромаштијата, невработеноста, животни настани како што се смртта на некој близок, раскинување на блиски врски, физичка болест и последици предизвикани од употреба на алкохол и дрога.

  • Депресијата предизвикува ментална болка и може да влијае на способноста на луѓето да ги извршуваат дури и наједноставните секојдневни активности, понекогаш со катастрофални последици врз семејството и пријателите.

  • Ако не се лекува депресијата може да предизвика неспособност за работа нарушени семејни односи и загрозен општествен живот.

  • Во најлош случај, депресијата може да доведе до самоубиство.

  • Депресија може ефективно да се спречи со третман, кој што вообичаено вклучува разговор, антидепресиви, или комбинација на двете.

  • Надминување на стигмата поврзана со депресијата често може да влијае што повеќе лица да побараат помош.

  • Разговор со луѓето со доверба може да биде прв чекор за лекување од депресија.

Состоjба во Република Македонија

Бројот на болнички лекувани лица од депресивна епизода и рекурентно депресивно растројство  (F32 – F33), се зголемува со тек на годините. Во 2010 година бројот на лекувани болни изнесувал 585 од кои 196 мажи и 389 жени, а во 2015 година вкупниот број на болни достигнува 803, од кои 257 мажи и 546 жени. Тоа претсавува пораст на болнички лекувани од 37 проценти. Стапката на болнички морбидитет изнесува четири случаи на 10 000 жители во 2015 година.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА (превземи pptx)

 

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE