Информација за состојба со мали сипаници во Република Македонија заклучно со 20.10.2017

Извор: Институт за јавно здравје на Република Македонија - 20.10.2017

Во текот на изминатата недела (14.10 – 20.10.2017) регистрирани се три нови случаи на мали сипаници во Р. Македонија, со што вкупниот број на заболени, заклучно со 20.10.2017 изнесува 17 случаи.

Од вкупниот број на заболени, во однос на местото на живеење, 10 лица живеат во нас. Маџари-Кванташка депонија, две лица се од Чаир, а по едно лице е регистрирано во с. Сопиште, нас. Шуто Оризари и с. Кондово. Едно од пријавените заболени деца е странски државјанин (Липљан, Косово). Едно лице од новопријавените во последната недела е со место на живеење во Прилеп, на привремена работа во Скопје.

Во однос на возраста на заболените лица, два случаи се на возраст под 1 година, кога не подлежат на задолжителна вакцинација против мали сипаници. Најголем број од заболените лица (n=7) припаѓаат на возрасната група од 1-4 години, 3 лица се над 30 годишна возраст (едно лице од возрасната група од 30-39г. и две лица од 40-49 години). На возраст од 5-9 години има 2 лица, и по едно лице припаѓа на возрасните групи од 10-14 год, 15-19 год, 20-29 години.

Симптомите на првиот пријавен случај од мали сипаници се јавиле на 15.09.2017.

На 25.09.2017, ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на општина Гази Баба-Кванташка депонија.

Во однос на вакциналниот статус на заболените лица,две се вакцинираносо една доза МРП (31-годишна и44-годишна жена кои примилепрва доза вакцина на возраст од една година) едно лице е вакцинирано со две дози на МРП, аостанатите не се вакцинирани (не подлежат или ја пропуштиле вакцинацијата). Притоа, четири од заболените лица се вакцинирани со една доза на МРП во текот на вакциналната кампања спроведена на 23.09.2017, два до пет дена пред да заболат.

Од  вкупниот број на регистрирани случаи (n=17), 16 се лабораториски потврдени, а еден е клинички и епидемиолошки поврзан случај.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) во Скопје биле хоспитализирани 13 лица од заболените, едно лице било хоспитализирано на Клиниката за детски болести.Само кај два случаи се регистрирани компликации во вид на пневмонија.

Сите лабораториски потврдени случаи се конфирмирани во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје – референтна лабораторија за мали сипаници и рубеола, според препораките на СЗО.

Во текот на оваа недела пристигна пријава за заразна болест – мали сипаници, од КБ Аџибадем Систина, за дете на возраст од 15 месеци – странски државјанин (Косово). Родителите одбиле да се земе биолошки материјал за понатамошна лабораториска анализа, а детето истиот ден е вратено на лекување во Косово. Нема податок дали лицето било вакцинирано или дали постои епидемиолошка врска. На сите контакти во Македонија им е проверен вакциналниот статус. Случајот е пријавен само клинички, затоа не е претставен во вкупниот број на пријавени лица со мали сипаници.

Вакцинација со МРП вакцина согласно препораките:

Во текот периодот од 25.09-13.10.2017 година на територијата на Р. Македонија беа вакцинирани вкупно 8.095 лице со МРП вакцина, од нив  2.552 со прва доза, а 5.450 со втора доза кај училишните деца. За овој период, откриени се 571 пропуштени лица за прва доза  и 93 лице за втора доза, и истите се вакцинирани. Од вкупно вакцинираните лица 42,1% се вакцинирани на територијата која ја покрива ЦЈЗ Скопје.

Сектор за превенција и контрола на заразни болести

ИЈЗ Скопје

 

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE