Промоција на нови клинички упатства

08.06.2012

Министерот за здравство Никола Тодоров промовираше четириесет и четири клинички упатства, кои се изготвени во соработка со експерти од Медицинскиот факултет и Универзитетските клиники. Примената на овие упатства ќе значи и овозможува стандардизирана здравствена услуга.

Министерот Тодоров изјави дека овие упатства во текот на следните седум дена ќе бидат објавени на веб - страницата на Министерството за здравство и откако ќе бидат објавени во „Службен весник“ ќе станат правно обврзувачки со што дополнително се осигурува нивната примена во практиката.

Во процесот на подготовка на протоколите финализирани се три упатства за ендокринологија, пет за педијатрија, еден за инфектологија, седумнаесер за неонаталогија, две за торакална хирургија, едно од областа на акушерството, три за ревматологија, две за дигестивна хирургија, по едно за рехабилитација и физикална терапија и нефрологија и осум за дерматовенерологија.

Овие упатства се темелно анализирани од страна на работната група за ажурирање и нивната содржина е во тек со последните и современи медицински докази и тие можат да се имплементираат во клиничката пракса во нашата држава.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија по разгледувањето на доставените протоколи дал повратна информација дека за нив нема да има никаков проблем од буџетско-фискален карактер.

Проф. Д-р Катица Зафировска која исто така се обрати на промоцијата појасни дека во однос на овие 44 упатства не постои ништо што ќе претставува пречка за нивна примена и дека при подготовката на истите се внимавало на нивната применливост.

Во следниот период се очекува да бидат ажурирани уште 200 упатства, а до крајот на годината нивниот вкупен број да достигне 1.100.

Министерот за здравство изјави дека врз основа на овие упатства ќе се воспостави систем на кој ќе се спроведува медицинската практика.

Експертите кои ги подготвувале протоколите објаснија дека упатството всушност претставува препорака за тоа што е најдобра клиничка одлука врз основа на која одреден доктор треба да примени здравствена услуга.

Во форма на прирачници овие упатства ќе бидат наменети за матичните лекари во примарното здравство и специјалистичко-консултативната здравствена заштита. Дел од прирачниците се наменети и за болниците и клиниките. Најголемиот дел од упатствата се изготвени според најголемата и најчесто ажурирана колекција која се одржува преку Кохрановата база. Датумот кој се зема како последен во однос на овие ажурирани упатства е 19 февруари 2012 година.

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE