Обврска за лиценцирање, континуирана медицинска едукација и релиценцирање

Печати

 

Обврската како што гласи во националното законодавство

Во Законот за здравствена заштита се дефинирани обврските на здравствените работници и на здравствените соработници за вршење на здравствената дејност, дадени се условите за спроведување приправнички стаж, стручен испит, како и добивање основна лиценца и лиценца за работа (членови 138­145).

„Здравствена  заштита  можат  да  даваат  здравствените  работници  со  соодветно стручно образование, завршен приправнички стаж, положен стручен испит, основна лиценца и лиценца за работа“ (член 138).  

„Здравствен  работник  со  високо  образование  од  областа  на  медицината  или стоматологијата  може  да  се  стекне  со  лиценца  за  работа  ако,  покрај  условите од членот 153­а, став 1 на овој закон, има и основна лиценца и соодветна специјализација или соодветна супспецијализација“ (член 153­б, став 1).  

„Здравствен  работник  со  високо  образование  од  областа  на  медицината  или стоматологијата  кој  се  стекнал  со  лиценца  за  работа  во  странство  може  да се  стекне  со  лиценца  за  работа  ако,  покрај  условите  од  членот  153­а,  став  2, на  овој  закон,  има  и:  1)  доказ  за  признаена  соодветна  специјализација  или супспецијализација;  2)  препорака  од  комората  во  која  членувал  и  3)  доказ  за претходно работно искуство во дејноста за која бара лиценца за работа. Лицен-цата за работа се издава за време од седум години и може да се обнови во согласност со условите од членот 153­е на овој закон“ (член 153­б, ставови 2 и 3).  

„Здравствен работник со високо образование од областа на фармацијата може да се стекне со лиценца за работа ако има: 1) диплома за завршено соодветно високо образование; 2) доказ за завршен приправнички стаж и 3) доказ за положен стручен испит, а за определени работи и соодветна специјализација или супспецијализација“ (член 153­в).

„На здравствен работник со високо образование може да му се обнови лиценцата за работа (релиценцирање) ако во периодот на важноста на лиценцата со континуирано стручно усовршување преку следење на новините во медицината, стоматологијата или фармацијата и унапредување на сопственото знаење се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60 проценти од времето на важноста на лиценцата за работа работел во дејноста за која има лиценца за работа“ (член 153­е, став 1).

„Облиците на стручното усовршување, критериумите за распоредување на облиците и бодовите од ставот 1 на овој член за обновување на лиценцата за работа ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со акт на кој министерот за здравство дава согласност“ (член 153­е, став 3).

„Здравствен работник со високо образование на кој привремено му е одземена лиценцата за работа може повторно да се стекне со лиценца за работа ако во текот на годината што следи по истекот на роковите на важност утврдени со овој закон помине дополнителна обука во согласност со програмата од членот 153­ѓ на овој закон и успешно ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на соодветната комора“ (член 153­з).

Дополнителни прописи

Нема дополнителни прописи во овој домен.

Етички кодекси

Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија ја дефинира обврската  на лекарот за постојано стручно усовршување и  образование (член 4, членови 59­61).

„Лекарот е должен постојано да се обврзува и да го продлабочува своето стручно и научно знаење. Тој е должен да се грижи и да се залага за стручната оспособеност, моралот и етиката на соработниците; јавно и отворено да предупредува  за  причините  на  болестите  и  активно  да  соработува  во  спречувањето  и отстранувањето на болеста. Лекарот се залага за здравствено воспитување и за растеж на здравствената свест и здравствената култура на луѓето. Лекарот треба да се залага за спречување на сето она што го загрижува здравјето на човекот, да се бори со општата заостанатост и надрилекарство“ (член 4).

„Постојаното следење на достигнувањата на медицината и стручното усовршување се должност на секој лекар. Стекнатото стручно знаење лекарот треба да го пренесува на своите колеги и на другите здравствени работници.

Постојаниот развој и напредок на медицинската струка и на науката бараат од лекарот  постојано  усовршување  и  образование  во  областа  на  медицинската теорија и практика, преку работа во самостојни стручни друштва, во здруженија, во научни и професионални установи“ (член 59).

„Лекарот е должен постојано да се грижи за растежот на личните сознанија. Затоа настојува да ги збогати своите знаења од областа на хуманистичките, природно - научните и општествените науки“ (член 60).

„Лекарите ­ педагошки  работници  се  должни  во  секоја  пригода  да  им  обрнуваат  внимание  на  слушателите  на  посебните  должности  што  ќе  ги  имаат  при воведувањето на новите начини на лекување и при научноистражувачката работа, а при објаснувањето на новите сознанија и констатации да им обрнуваат внимание на морално ­ етичките прашања во одделни примероци.  

Лекарот е должен да се бори за такви услови во општеството и во организацијата на здравството, кои ќе овозможат и постојано следење на развојот, на достигањата и на усовршувањето на знаењата и на вештините во давањето итна медицинска помош“ (член 61).

Во согласност со Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија на Стоматолошката комора на Република Македонија,  „докторот на стоматологија е должен постојано да ги усовршува своите стручни знаења и да ги следи процесите за континуирана стручна едукација. Должен е да се грижи и да се залага за стручната оспособеност, моралот и етиката на соработниците. Должен е, во согласност со својата стручна подготовка и оспособеност, да дава итна медицинска помош и да се грижи за натамошното згрижување на загрозениот човек“ (член 8).

Според Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија, „постојаното следење на достигнувањата на медицината и стручното усовршување се должност на секој фармацевт. Стекнатото стручно знаење фармацевтот треба да го пренесува на своите колеги, особено на помладите“ (член 42).  

Фармацевтот е должен постојано да се грижи за растежот на личните сознанија. Затоа  настојува  да  ги  збогати  своите  знаења  од  областа  на  хуманистичките, природно ­ научните и општествените науки“ (член 44).

Дополнителни важни информации

Во согласност со членот 153­ѕ од Законот за здравствена заштита, „Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може привремено или трајно да ја одземе лиценцата за работа  на здравствен работник  со високо образование.  
Привремено одземање на лиценцата за работа може да се изврши најмногу за период од седум години ако здравствениот работник со високо образование:  
1) не ја продолжи лиценцата за работа во роковите утврдени со овој закон;  
2) не ја заврши дополнителната обука во утврдениот рок;  
3) не ја заврши со успех дополнителната проверка на стручните знаења и способности;  
4) со судско правосилно решение привремено му е забрането вршење на дејноста или професијата;  
5) со правосилна судска пресуда е осуден за кривично дело примање поткуп;
6)  по  доделувањето  на  лиценцата  за  работа  се  утврди  дека  доказите  за исполнување на условите пропишани со овој закон ги прибавил спротивно на закон;  
6­а) врши дополнителна дејност во друга здравствена установа;
7) работи надвор од лиценцата за работа што ја поседува или работи во услови за кои нема одобрение за работа издадено во согласност со овој закон;
8) ако Судот на честа при соодветната комора утврди дека сторил повреда на Кодексот на медицинската етика.
Во решението за привремено одземање на лиценцата за работа треба да се определи дополнителната обука која здравствениот работник со високо образование треба да ја изврши за да може повторно да му се издаде лиценца за работа.  
Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование  сторил стручен пропуст или грешка при работата, со што предизвикал трајно нарушување  на  здравјето  или  смрт  на  болниот  или  ако  по  привременото одземање на лиценцата за работа врз основа на ставот 2, алинеја 6­а од овој член  повторно врши дополнителна дејност спротивно на членот 115­а од овој закон“.
Според членот 153­к од истиот закон, начинот на издавање на основната лиценца, како и начинот на издавањето, продолжувањето, обновувањето и одземањето на лиценцата за работа и формата и содржината на обрасците на лиценците за здравствен работник со високо образование од областа на медицината и стоматологијата, поблиску ги утврдува Лекарската, односно Стоматолошката комора со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.  
Начинот на издавањето, продолжувањето, обновувањето и одземањето на лиценцата за работа и формата и содржината на обрасците на лиценцата за  работа  на  здравствен  работник  со  високо  образование  од  областа  на фармацијата поблиску ги утврдува Фармацевтската комора со акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Закон за заштита на правата на пациентите

1

Закон за заштита на правата на пациентите, Службен весник бр. 82/2008.pdf

2

Закон за изменување  на Законот за заштита на правата на пациентите, Службен весник бр. 12/2009.pdf

3

Закон за изменување  на Законот за заштита на правата на пациентите, Службен весник  бр. 53/2011.pdf

4

Закон за изменување и дополнување на законот за заштита на правата на пациентите, Службен весник бр. 150/2015.pdf

 

Кодекс на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија.pdf

 

Кодекс на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија.pdf

 

Кодекс на стоматолошката етика и деонтологија.pdf

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE