Право на безбедност

Печати

 

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право да биде заштитен од штетите што може да ги предизвика  лошото  функционирање  на  здравствениот  систем,  медицинска или лекарска грешка, како и право на пристап до здравствени услуги и лекување кои исполнуваат високи стандарди за безбедност.
За да го гарантираат ова право, болниците и здравствената заштита мора да ги следат факторите на ризик постојано и да осигураат соодветно одржување на уредите за водење електронски медицински досиеја, односно соодветна обука за тие што ракуваат со нив.
Сите здравствени работници мора да бидат целосно одговорни за безбедноста на сите фази и елементи од медицинската процедура.
Лекарите мора да бидат оспособени да го отстранат ризикот од грешки преку следење на претходните искуства и да добиваат континуирана обука.
Здравствените работници кои ќе пријават постојни ризици на своите претпоставени или колеги треба да бидат заштитени од можните несакани последици“.  

Правото како што гласи во националното законодавство

Законот за заштита на правата на пациентите ja регулира безбедноста на пациентите;  „личноста  и  достоинството  на  секој  пациент  мора  да  се  почитува“ (член 5, став 4), односно „пациентот има право на лична сигурност за време на престојот во здравствената установа“ (член 5, став 5).

При тоа, Законот оправдано прави разлика меѓу личната сигурност на пациентот во здравствената установа и неговата безбедност во врска со здравствената заштита што му се дава во здравствената установа.

Правото на безбедност на пациентот од аспект на квалитет на здравствените услуги не е јасно уредено во нашето законодавство, освен во Законот за заштита на правата на пациентите. Тоа треба да се гледа поврзано со правото на квалитетна здравствена заштита, како и со прашањето на медицинската грешка. Во нашето право прашањето на медицинска грешка е уредено преку обврските и одговорностите на здравствените работници (види Поглавје 7), но и со Кривичниот законик на Република Македонија.

Единствено во Законот за заштита на населението од заразни болести се уредени, во членот 13, како „посебни мерки за заштита на населението од заразни болести:  
1) откривање на извори на зараза (заболени или носители) и поставување на етиолошка  дијагноза;  2)  пријавување  на  заразните  болести;  3)  епидемиолошки  истражувања;  4)  изолација, здравствен  надзор,  карантин,  превоз  и  задолжително  лекување;  5)  имунопрофилакса  и  хемиопрофилакса;  6)  дезинфекција, дезинсекција и дератизација; 7) спроведување на здравствено-хигиенски прегледи; 8) следење на  интрахоспиталните инфекции и преземање мерки за нивно превенирање и 9) здравствена едукација.  

Посебните мерки од ставот 1 на овој член се должни да ги спроведуваат здравствените установи.“  

„Превентивна дезинфекција е задолжителна во здравствени установи, училишни и предучилишни установи, социјални установи, угостителски објекти и јавни објекти (аеродроми, станици, пазари и слично), како и во објекти за производство, промет и складирање на храна. Превентивната дезинфекција се врши на секои шест месеци. Задолжителна е дезинфекција на секретите, екскретите, личните и други предмети и на просторијата во која престојувал болен од колера, чума, вирусни хеморагични трески, вирусни жолтици, дифтерија, цревен тифус, паратифуси, салмонелози, детска парализа, дизентерија, антракс, беснило и туберкулоза во заразен стадиум, како и на објекти при појава на епидемии од заразни болести“ (член 39).  

Други задолжителни и дополнителни мерки се уредени со членовите 40-49 од овој закон.

Секој лекар е должен да ги запознае пациентите со превентивните мерки за заштита од заразни болести, значењето на вакцинациите и со други мерки на заштита.

Задолжително е испитување на крводарителите и дарителите на ткива и органи, вештачко оплодување и оплодување ин витро на присуство на сифилис, вирусните хепатитис Б и хепатитис Ц, ХИВ и други болести кои се пренесуваат со човечки материјал.

Испитувањето  на  човечкиот  материјал  од  ставот  1  на  овој  член  е  задолжително  и  во  случаи  кога  земањето  на  материјалот  не  е  направено  во  Република Македонија,  односно  нема  доказ  дека  направените  испитувања  се  негативни (член 51).

Дополнителни прописи
 
Во согласност со Законот за ментално здравје, лицето со ментална болест за време на престојот во здравствена установа има право на лична сигурност (член 14).

Етички кодекси

Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија и Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија  во членот 36 и во членот 38, соодветно, утврдуваат дека во согласност на начелата за безбедност и солидарност, лекарите, без оглед на нивното работното место и работна оспособеност, треба да бидат подготвени да се јават на работа веднаш во случај на вонредни околности, свесни за моралната и за човечката одговорност.

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE