Право на иновација

Печати

 

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој  поединец  има  право  на  пристап  до  иновативни  процедури  на лекување и до дијагностика според меѓународните стандарди, независно од неговата економска или финансиска положба.
Здравствената заштита има обврска да го унапредува и одржува истражувањето  на  полето  на  биомедицината,  обрнувајќи  особено  внимание на ретките заболувања.
Резултатите од истражувањето треба да бидат соодветно дисеминирани“.

Правото како што гласи во националното законодавство  

Во согласност со Законот за заштита на правата на пациентите, „пациентот има право на грижа, лекување и рехабилитација што се во согласност со неговите поединечни потреби и способности и што ја унапредуваат состојбата со неговото здравје, со цел да го достигне највисокото можно лично ниво на здравје, во согласност со достапните методи и можности на медицината, а во согласност со  
прописите од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување“ (член 5, став 3).

Ова право треба да се гледа заедно со правото на почитување на стандардите за квалитет (под број 8).

Дополнителни прописи

Иако во постојната законска регулатива нема изрична одредба која го регулира ова право, Законот за здравствено осигурување овозможува лекување во странство (член 30), како форма на добивање здравствена услуга која не е достапна во земјата, но овозможува пристап до иновативни процедури на лекување и дијагностика.  

Според  членот  30,  „осигуреното  лице  може  да  користи  болничко  лекување  во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување“ (став 1).  

Осигурените лица што привремено престојуваат во странство може да користат само итна медицинска помош, а начинот на користење на здравствените услуги и најповолните цени на здравствените услуги во странство ги утврдува Фондот со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Етички кодекси

Според  Кодексот  на  медицинската  деонтологија  на  Лекарската  комора  на Македонија, „лекарот е должен  постојано да се обврзува и да го продлабочува  своето  стручно  и  научно  знаење.  Тој  е  должен  да  се  грижи  и  да  се  залага за стручната оспособеност, моралот и етиката на соработниците; јавно и отворено да предупредува за причините на болестите и активно да соработува во спречувањето и отстранувањето на болеста. Лекарот се залага за здравствено  воспитување  и  за  растеж  на  здравствената  свест  и  здравствената  култура  на луѓето. Лекарот треба да се залага за спречување на сето она што го загрижува здравјето на човекот, да се бори против општата заостанатост и надрилекарство“ (член 4).

Според членот 31, „образованието на медицинскиот персонал и организацијата на здравствената дејност, на болните во болниците и во нивните домови треба да им обезбедат ефикасно олеснување на нивните болести, колку што тоа го дозволуваат современото медицинско знаење и можности“.  

Членот  59  од  Кодексот  на  медицинската  деонтологија  на  Лекарската  комора  на  Македонија утврдува  „должност  на  секој  лекар  во  постојаното  следење на достигнувањата на медицината и стручното усовршување. Стекнатото стручно знаење лекарот треба да го пренесува на своите колеги и на другите здравствени работници. Постојаниот развој и напредок на медицинската струка и на науката бара од лекарот постојано усовршување и образование во областа на медицинската теорија и практика, преку работа во самостојни стручни друштва, во здруженија, во научни и професионални установи“.

Во согласност со членот 60, лекарот е должен постојано да се грижи за збогатување на личните сознанија. Затоа настојува да ги збогати своите знаења од областа на хуманистичките, природно - научните и општествените науки.


© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE