Право на превентивни мерки

Печати

 

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право на соодветна услуга во насока на превенција oд заболување. Здравствената  заштита  има  обврска  да  ја  исполнува  оваа  цел  преку подигнување на свеста на луѓето, гарантирајќи здравствени процедури во  редовни  интервали  без  надомест  за  различни  популациски  групи изложени на ризик и овозможувајќи им пристап на сите до постигнатите резултати од научните истражувања и од технолошките иновации“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Уставот на Република Македонија е експлицитен во гарантирањето на правото на здравствена заштита (дефинирана во Законот за здравствена заштита) на секој граѓанин (член 39). Во согласност со членот 32 од Законот за здравствена заштита, на сите граѓани (на секого) на Република Македонија им се обезбедува остварување на општите превентивни мерки заради обезбедување здрава животна средина, систематски прегледи и  други  мерки  и  активности  за  спречување  болести  (имунизација, бруцелоза, туберкулоза, СИДА, заразни болести и сл.). Остварувањето  на  општите  превентивни  мерки  се  обезбедува  преку  посебни програми што Владата на Република Македонија ги донесува секоја година, а се финансираат од Буџетот на државата.

Во согласност со Законот за здравствено осигурување, „на осигурените лица им се обезбедува право на основни услуги под услови утврдени со Законот“ (член 8).  Основните  здравствени  услуги,  покрај  другото,  опфаќаат  спроведување  на превентивните мерки (член 9, став 1, точка 6).

Дополнителни прописи

Во согласност со Законот за заштита на правата на пациентите, со заштитата на правата на пациентите „се обезбедува квалитетна и континуирана здравствена заштита“ (член 2). Здравствената заштита е дефинирана со Законот за здравствена заштита.

Начелото на достапност се заснова на „континуитет на здравствената заштита, вклучувајќи соработка меѓу сите здравствени работници, здравствени соработници и/или здравствени установи што можат да бидат вклучени во целиот процес на третман на одредена состојба или заболување на пациентот“ (член 3, став 3 (начело на достапност), алинеја 2).

„Медицинска  интервенција  е  секој  преглед,  третман  или  друга  активност  со превентивна, дијагностичка, терапевтска цел или со цел за рехабилитација што ја презема овластен здравствен работник“ (член 4, став 1, точка 2, во врска со членот 14 од истиот закон, право на прифаќање или на одбивање медицинска интервенција).

Според Законот за ментално здравје  , „заштитата на лицата со ментална болест се  заснова  на  обезбедување  најдобра  грижа,  лекување  и  рехабилитација  во согласност со тековните достигнувања во областа и во рамките на расположивите средства, соодветна на поединечните потреби на лицето, со отсуство на каква било психичка и физичка злоупотреба, со целосен респект на достоинството на неговата личност и во негов најдобар интерес“ (член 3).

Со  Законот  за  заштита  на  населението  од  заразни  болести  „се  утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и инфекции...“ (член 1).

Законот  за  лекови  и  медицински  помагала   ја  уредува  превенцијата  од  несаканите дејства на лековите и на медицинските помагала преку воспоставување ригорозни системи за регистрација и режим на издавање на лековите (со или без рецепт).

Законот за безбедност на храната и производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната ги уредува „условите за обезбедување на безбедноста на  храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната, производството и прометот, правата и обврските на физичките и правните лица кои произведуваат или вршат промет со цел да се заштити здравјето на луѓето...“  (член 1).

Законот за безбедност на козметичките производи ги уредува „условите што во поглед на здравствената безбедност треба да ги исполнуваат козметичките производи што се произведуваат или се ставаат во промет...“ (член 1).

Законот за безбедност и здравје при работа ги утврдува „мерките за безбедност и здравје при работа, обврските на работодавецот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето мерки за  
безбедност и здравје при работа“ (член 1).

Во Законот за безбедност во снабдувањето со крв се определува дека „крвта и крвните компоненти мора да бидат со квалитет и безбедност, така што да не го загрозуваат животот и здравјето на примателот на крв и крвни компоненти“ (член 20, точка 1).

Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување  ги уредува „правото на биомедицинско потпомогнато оплодување, условите за остварување на правото за биомедицинско потпомогнато оплодување, безбедноста на донирањето, обезбедувањето, тестирањето, обработката, чувањето, дистрибуцијата и примената на клетките при вршењето на биомедицинско потпомогнато оплодување, правата и обврските на пациентот, здравствените работници и здравствените установи, условите за спроведување на биомедицинско потпомогнато оплодување,  како и надзорот“ (член 1).  

„Спроведувањето  на  постапката  за  биомедицинско  потпомогнато  оплодување (БПО) се врши на начин кој обезбедува заштита на човековите права, достоинството и приватноста на лицата врз кои се врши медицинската постапка и на донаторите на полови клетки и ембриони“ (член 2, став 1).

Целта на Законот за безбедност на производите е „производите да бидат безбедни кога се пуштаат на пазар, се ставаат во употреба или се употребуваат особено поради: остварување и заштита на јавниот интерес; заштита на животот и здравјето на луѓето, животните и растенијата; и заштита на животната средина и природата и заштита на потрошувачите и на другите корисници на производите и заштита на имотот“ (член 2).

Со  Законот  за  заштита  од  пушењето  се  уредува  „заштитата  од  штетните  дејствија  на  пушењето  тутун  и  други  производи  од  тутун  врз  граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите“ (член 1).

Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност го уредува „системот на контролата на сите извори на јонизирачко зрачење, како и заштитата на населението и околината од изложеност или потенцијална изложеност на јонизирачко зрачење“ (член 1, став 1).

Законот за заштита од бучава во животната средина ги има следниве цели: создавање здрави услови за животот на луѓето и заштита на животната средина од бучава (член 2, став 1, алинеја 1).

Етички кодекси

Според членот 107 од Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „лекарот при својата професионална работа во превентивата, куративата и рехабилитацијата мора да ги применува меѓународните хуманитарни начела“.

Исто така, според Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора  на  Македонија,  „лекарите  и  останатите  здравствени  работници  имаат обврска да дејствуваат во смисла на  здравствено воспитување и така да им помагаат на луѓето да постигнат подобар квалитет на живеење“ (член 38), односно да настојуваат „...населението да се насочува и обучува за прва помош и за здравствена помош во вонредни околности“ (член 39, став 1).

Кодексот  на  професионални  етички  должности  и  права  на  фармацевтите  на  Македонија  определува  дека  „фармацевтот  се  залага  за  здравствено воспитување и за растеж на здравствената култура на луѓето. Тој треба да се залага за  спречување на сето она што го загрозува здравјето на човекот...”  (член 6).

Стоматолошка комора во својот Кодекс го дефинира „кодексот на стоматолошката етика и деонтологија како систем на етички норми врз кои се втемелени заемните обврски помеѓу стоматолошката професија и општеството и ставени во функција на заштита и унапредување на човековото здравје, на строгото професионално  однесување  при  лекувањето  на  пациентот  и  заштитата  на  неговиот личен интегритет и на интегритетот на секој стоматолошки работник“ (член 1,  
став 2).

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE