Право на слободен избор

Печати

 

Европска повелба за правата на пациентите

 „Секој  поединец  има  право  на  слободен  избор  меѓу  расположивите  процедури  за  лекување  и  здравствени  работници,  врз  основа  на  соодветна информација.
Пациентот  има  право  да  одлучи  кои  дијагностички  испитувања  и  терапии  да  се  спроведат  и  кој  матичен  лекар,  специјалист  или  болница  да  ги користи.  Здравствениот  систем  има  обврска  да  го  гарантира  ова  право овозможувајќи  му  на  пациентот  информации  за  различните  центри  или лекари  кои  се  оспособени  да  даваат  одредени  услуги,  како  и  за  резултатите  од  нивото  работење.  Системот  мора  да  ги  отстрани  сите  пречки  во спроведувањето на ова право.  
Пациентот кој нема доверба во неговиот лекар има право да одбере друг лекар“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Според Законот за заштита на правата на пациентите, во членот 6 и во членот 14 правото на избор е изразено преку правото на пациентот „...да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицински интервенции чие одложување или непреземање би го загрозиле животот и здравјето на пациентот, односно животот и здравјето на други лица или би  предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица“.

„Прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција пациентот го изразува со потпишување на изјава“ (член 14, став 2).

Членот 14, став 4 од истиот закон се однесува на правото кај лица со посебни потреби, односно: „слепо лице, глуво лице што не знае да чита, немо лице што не знае да пишува и глувонемо лице прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција го врши со изјава дадена пред двајца сведоци“.

Правото на избор е содржано и во правото на пациентот „...да одбие прием на информација за природата на својата здравствена состојба и очекуваниот исход на предложените или преземени медицински интервенции“, и тоа со писмена и потпишана изјава (член 12). Сепак, „пациентот не може да се одрече од правото  на информација во случаите во кои мора да биде свесен за природата на својата болест за да не го загрози здравјето на другите“ (член 13).

Со Законот за заштита на правата на пациентите  на пациентот му се гарантира правото самоволно да ја напушти болничката здравствена установа (член 27, став 1, алинеја 1). Ова право е ограничено „во случаите утврдени со друг закон, како и во случаите кога тоа би било штетно за неговото здравје или здравјето или безбедноста на други лица“ (член 27, став 1, алинеи 2 и 3). Напуштањето може да се изврши откако пациентот дал „писмена изјава или усна изјава пред двајца присутни сведоци кои ја потпишуваат изјавата за намерата на пациентот да ја напушти  установата“  (став  2),  која  „...се  приложува  во  медицинското  досие  на пациентот“  (став  3).  Доколку  пациентот  ја  напушти  здравствената  установа  самоволно  без  најава,  „...надлежниот  здравствен  работник  е  должен  да  го  запише напуштањето во медицинското досие на пациентот“ (став 4). Во случаи кога здравствената состојба на пациентот го налага тоа, „...надлежниот здравствен работник е должен за напуштањето на здравствената установа од страна на пациентот без најава да го извести лицето од членот 25, став 6 од овој закон, а во случаи пропишани со други прописи и надлежни органи“ (став 5), а ако пациентот е неспособен за расудување, односно е малолетно лице, да го извести неговиот родител, законскиот застапник, односно старателот, како и Центарот за социјална работа (став 6).

Дополнителни прописи

Во Законот за здравствена заштита не е содржана изрична одредба со ваква содржина, но истата произлегува од обврската на здравствената установа која во рамките на нејзината дејност „е должна да дава здравствена заштита на лице кое ќе побара здравствена заштита“ (член 46, став 1).  

Во Законот за здравствено осигурување е содржано правото на осигуреното лице на избор на лекар во примарната здравствена заштита (член 28 став 2) и лекар во специјалистичко - консултативната и болничката здравствена заштита, но со упат од избраниот лекар од примарната здравствена заштита (член 29, став 1).

Според Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), постапката за БПО се спроведува по барање на брачна или вонбрачна двојка, односно жената од членот 9, став 3 и врз основа на слободна писмена согласност (член 12, став 1). Односно по барање на корисникот и по предлог на доктор - гинеколог-акушер.

Етички кодекси

Според членот 15 и членот 28 од  Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската  комора  на  Македонија,  „лекарот  и  здравствената  организација треба да се грижат и да обезбедуваат континуитет на лекувањето, по можност со ист лекар, во согласност со правото на пациентот да избира лекар“ (член 15), односно „лекарот го зема предвид и го почитува начелото за слободен избор на лекар и на здравствена установа и се залага за реализација на тоа право на болниот“ (член 28).

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE