Право на жалба

Печати

 

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право на жалба за претрпена штета, страдање или болка, како и право на повратен одговор.
Здравствениот систем треба да го гарантира спроведувањето на ова право овозможувајќи му на пациентот (со помош на трети лица) информации за неговите права и овозможувајќи му да го препознае прекршувањето на правото, односно да ја формулира својата жалба.
Жалбата треба да биде проследена со исцрпен пишан одговор од страна на  
здравствената установа во зададен временски рок.  
Жалбите мора да бидат подготвени низ стандардни процедури и проследени од страна на независни тела и/или граѓански организации и не смеат да форсираат правна разврска на правото на пациентот или алтернативно решавање на спорот“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Во Законот за заштита на правата на пациентите е содржана посебна глава за заштита на правата на пациентите во која е уредено правото на пациентот на усна поплака, лично, преку родителот или преку неговиот законски застапник, до директорот  на  здравствената  установа  ако  му  е  повредено  правото  (член  46).  
Имено, во согласност со членот 47 и со членот 48 пациентите имаат право на писмена поплака до директорот на здравствената установа во рок од осум дена од денот на повредата на правото или од сознавањето за повреда на правото, а директорот е должен да ги испита наводите во поплаката и во рок од 15 дена од денот на приемот на поднесокот да го извести пациентот или неговиот закон-
ски застапник. Освен ова, со членот 49 се регулира правото на писмена поплака до директорот на здравствената установа, пациентот има право лично, преку неговиот родител или преку неговиот законски застапник да поднесе претставки и други поднесоци до Министерството за здравство, надлежните органи и до други институции.

Во функција на заштита на правата на пациентите, во согласност со истиот закон, министерот за здравство овластува лице за заштита на правата на пациентите од редот на државните службеници во Министерството за здравство (член 45, став 1).  

За заштита на правата на пациентите во областа на здравственото осигурување,,Фондот за здравствено осигурување обезбедува остварување на правата на осигурените пациенти од здравственото осигурување и дава стручна помош на осигурените пациенти при остварувањето и заштитата на нивните права од здравственото осигурување. За таа цел Фондот во секоја подрачна единица е должен да определи на лесно достапно место и јасно да означи канцеларија за стручна  помош на осигурените пациенти при остварувањето и заштитата на нивните права од здравственото осигурување, како и да ги овозможи сите потребни услови за работа на канцеларијата (член 52, точка 2).

Во  однос,  пак,  на  остварувањето  и  заштитата  на  правата  од  здравственото осигурување, Законот упатува на прописите од областа на здравственото осигурување, според кои осигурените лица имаат право на жалба, во согласност со Законот за општата управна постапка.
Со Законот за здравствено осигурување е уредено дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат постапува според приговорите на странките во однос на остварувањето на правата од здравственото осигурување.

Освен правото на писмена поплака, во Законот за заштита на правата на пациентите е уредена и судска заштита на правата на пациентите за сторена повреда на неговото право на начин и во постапка утврдена со закон (член 53).

Дополнителни прописи

Правото на приговор е уредено и во Законот за здравствена заштита, според кој корисникот што не е задоволен од давањето или од дадената здравствена заштита, како и од односот на вработен во здравствената установа, може да под несе приговор до директорот на установата. Приговорот може да се поднесе усно или писмено. Рокот за одлучување е три дена, а во итни случаи веднаш по поднесување на приговорот. Ако корисникот не е задоволен од одлуката на директорот, може да побара Министерството за здравство да го преиспита случајот (член 52).

Според Законот за ментално здравје, „лицата со ментална болест имаат право на усна поплака, лично или преку нивниот законски застапник, до директорот на здравствената установа ако им е повредено правото“ (член 26). Освен ова право, „лицата со ментална болест имаат право, лично или преку нивниот законски застапник, и на писмена поплака до директорот на здравствената установа,  
во рок од осум дена од денот на повредата на правото или од сознавањето за повреда на правото“ (член 27, став 1). Обврска на директорот на здравствената установа е „да ги испита наводите во поплаката и во рок од 15 дена од денот на приемот на поднесокот да го извести за наодите лицето со ментална болест или неговиот законски застапник“ (став 2).

„Лицата со ментална болест во врска со грижата, лекувањето и рехабилитацијата во здравствената установа, во согласност со истиот закон, имаат право, лично или преку нивниот законски застапник, да поднесуваат претставки и други поднесоци до Министерството за здравство, надлежните органи и други институции, преку здравствената установа“ (член 28, став 1). Обврска на Министерството за здравство е „во рок од 30 дена да ги испита наводите во поплаката и да го извести лицето со ментална болест или неговиот законски застапник“ (став 2).

И со овој закон е уредено правото на „судска заштита за сторена повреда на правото на лицето со ментална болест на начин и во постапка утврдена со закон“ (член 29).

Етички кодекси

Во  соодветните  етички  кодекси  нема  одредби  кои  директно  се  однесуваат  на ова  право,  но  ова  право  е  регулирано  со  статутите  на  Лекарската  комора  на Македонија и на Стоматолошката комора на Македонија, кое право се остварува преку етичко - правните комисии, а потоа и преку Судот на честа на соодветните комори.

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE